„Фејсбук” планира да ги поврзе апликациите за испраќање пораки преку мрежите „Инстаграм“, „ВатсАп“ и „Фејсбук Месинџер“.
Како што пишува „Њујорк тајмс“ (The New York Times), компанијата „Фејсбук“ (Facebook) планира да ги интегрира услугите на размени на пораки на апликациите „ВатсАп“ (WhatsApp), „Инстаграм“ (Instagram) и „Месинџер“ (Messenger).
Њујоршкиот весник наведува дека се работи за личен проект на основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, а интеграцијата на апликациите би значека дека корисникот на „Фејсбук“ може да комуницира со некого кој има само профил на „ВатсАп“.
Ова е сѐ уште невозможно да се направи затоа што апликациите немаат заеднички изворен код.
Меѓутоа, од компанијата „Фејсбук“ порачаа дека веќе почнале да работат на спојување на трите елементи, а се очекува дека целиот проект ќе биде завршен до крајот на 2019 или во почетокот на наредната година.
„Сакаме да го направиме најдоброто можно искуство на допишување, а и самите корисници сакаат допишувањето да биде брзо, едноставно, доверливо и приватно. Работиме на создавање поголем број наши производи за разменување пораки кои од почетокот до крајот ќе бидат шифрирани и ги разгледуваме начините да ја олесниме можноста на поврзување со пријатели и роднини на социјалните мрежи“, се наведува во соопштението на „Фејсбук“.