Грција го објави планот за претстојната летна сезона, важи и за Македонците

121
0
SHARE

Во две фази, едната за домашниот на 25 мај, другата за странскиот, на 15 јуни Грција одново се отвора за туризмот, преку владиниот план „Restart tourism“ што ги содржи сите аспекти, а наиде на позитивни реакции од туристичките здруженија и федерации.

Без тестови и без карантин, странските туристи слободно ќе пристигнуваат во Грција, иако во изминатиот период се споменуваше дека позитивен тест до 72 часа пред поаѓањето ќе биде еден од предусловите за патување кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

На нашите посетители ќе им се прават тестови по случаен избор и ќе се почитуваат нашите општи здравствени протоколи кои сепак, нема да го засенат, ниту нашето сјајно сонце, ниту природната убавина на Грција, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата вчерашна видео порака до граѓаните.

Треба да се истакне за да им биде јасно на сите, дека предуслов нема да биде правење на каков било вид на тест за некој да дојде во нашата земја и нема да постои карантин. Но, ја задржуваме нашата можност да правиме тестови по случаен избор за епидемиолошки да следиме што се случува, појасни министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, презентирајќи го владиниот план.

Паралелно, во соработка со комисијата на епидемиолози, до крајот на месецов ќе се формира листа на држави, кои имаат добра епидемиолошка слика и за кои ќе се даде зелено светло за патување во Грција, уште од 15 јуни, а меѓу нив веројатно ќе бидат балканските земји.

Според грчката телевизија „Скај“, границите ќе се отворат, првично за 19 земји, меѓу кои и нашата.

Туристите од Кипар, Израел, Кина, Јапонија, Австралија, Норвешка, Данска, Австрија, Бугарија, Србија, Романија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, според телевизијата, уште од 15 јуни ќе може да патуваат во Грција.

Ако ситуацијата е како што е сега, сигурни сме дека од балканските до балтичките земји, еден пример е Бугарија, ќе бидат меѓу првите земји со кои ќе можеме да го обновиме поврзувањето, рече вчера министерот за туризам на Грција, пренесе МИА.

На 15 јуни, официјално започнува туристичката сезона во Грција, бидејќи тогаш, не само што ќе се отворат границите, туку ќе се отворат и сезонските туристички објекти, но сепак летовите ќе бидат само до атинскиот аеродром.

Како што објави МИА минатата седмица, според одлуката на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција до 14 јуни на полноќ забранети се летовите од и кон Грција од Северна Македонија, Албанија и Турција, додека пак грчката влада до 15 јуни 2020 година ја продолжи мерката „за забрана за влез за државјани на трети земји освен на држави од Европската унија и Шенген зоната“.

Од 1 јули, согласно планот на грчката Влада предвидено е да се дозволат летови од странство кон сите грчки аеродроми, како и дозвола за влез на туристи од сите земји, но во зависност од епидемиолошките карактеристики, може да постојат и исклучоци за одредени земји.

Паралелно, за безбедно да се примат туристите, предвиден е план за управување доколку се појави позитивен случај на Ковид-19.

Во планот е вклучено зајакнување на здравствениот капацитет на туристичките дестинации, што меѓу другото предвидува туристичките објекти да имаат соработка со лекар, како и управување со позитивен случај за што треба да постојат специјални „простори-карантин“ во секој регион и на секој остров.

Исто така ќе постојат посебни здравствени протоколи за работа на хотелите и туристичките објекти, за туристичките автобуси, за превозот, транспортот и сл, а ќе бидат вклучен во закон кој во следните денови ќе се гласа во грчкиот Парламент.

Во владиниот план, предвидени се и мерки за поддршка на домашниот туризам.

Министерот за туризам на Грција соопшти дека во 2019 година, 33 милиони туристи ја посетиле земјата, а профитот бил 19 милијарди евра.

Ставот на грчката влада е дека ова лето нема да биде исто со ланското, но дека земјата ќе се обиде да добие што е можно поголем дел од помалата европска туристичка пита.

Од Грчката федерација на хотелиери и од Здружението на грчки туристички претпријатија, позитивно го оценуваат владиниот план за туризмот, велат дека е во правилна насока, но додаваат дека сепак е потребно е да се направат дополнителни интервенции во однос на даночните прашања.

Сè уште постојат области за значително подобрување и иницијатива, како во прашањата поврзани со работните односи, така и во даночните прашања, што вклучуваат проширување на намалувањето на ДДВ-то во сместувањето, услугата за туристички пакети и поморскиот туризам, вели Јанис Рецос, претседателот на грчките туристички претпријатија.

Со сличен став е и претседателот на Грчката федерација на хотелиери, Григорис Тасиос, кој вели дека се потребни појаснувања во однос на прашањата поврзани со здравствените протоколи за хотелите, како и за намалување на ДДВ-то на сместувањето и на укинување на таксата за ноќевање.

Меѓу економските владини мерки за поддршка на туризмот, вклучено е намалување на ДДВ-то за превозот (автобуски, бродски, авионски), за кафето и безалкохолните пијалаци и на туристичките пакети.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here