ХРАБРОСТ НАСПРОТИ СТРАВ

264
0
SHARE

Многу често се зборува и сме зборувале за донесувањето одлуки, за секојдневните избори, за состојбата од која тие одлуки и избори произлегуваат. Две сосема спротивни состојби се чини дека се постојано присутни во нашите животи во последно време, можеби затоа што живееме во еден „збудален“ свет. Како да се наметнуваат и не ни даваат многу простор за чекање. Едноставно, како да мораме да избереме веднаш! Но, вистинскиот избор не нѝ поаѓа од рака, одлучуваме и избираме од позиција на страв. Генерално, тоа не е правилната одлука доколку сакаме нешто да промениме и постигнеме во животов, а богами и да успееме.

Ова води кон многу дискусии, пишувања, зборувања на темата, која мора да се признае е интересна, од повеќе аспекти. Се чини дека тоа многу не помага во надминувањето на стравот, па можеби е најдобро најпрво да се разбере како се поврзани овие две нешта.

Главното недоразбирање овде е дека храбрите луѓе не се плашат. Тоа е апсолутна невистина. Ако разговарате со некој од вашата околина кого го познавате и го сметате за храбар човек, тој сигурно ќе ви каже дека можеби „умира од страв“, но делува и презема некакви чекори наспроти стравот кој го чувствува.

Стравот и храброста се директно поврзани. Храброста бара страв за да може да се покаже како личен квалитет и вредност. Нема потреба за храброст ако не се плашиме од нешто. А се плашиме од многу нешта. И тоа е сосема човечки.

Имајте на ум… Сигурно знаете како изгледа мувла и како таа се создава. Таа живее во затворена, топла, темна средина, каде нема многу кислород.

Храброста бара акција

Ние сме создадени храбри. Но, ако се сеќавате на нашиот емоционален мозок, тој, во потенцијално „опасни“ ситуации од било каков вид, нѝ создава импулс да бегаме. Тоа не нѐ прави помалку храбри.

Животот носи разни ситуации. Што и да правиме, тоа нема да се промени. Ние сме создадени за беља. Проблемите, непријатностите, конфликтите итн се можеби единствениот, најдобар начин за стекнување искуство и подлога за лична промена. Промената значи да сфатиме што нѝ е важно и да стоиме зад тоа.

А потоа, да делуваме во тој правец и да покажеме храброст.

Сите ние некогаш, ако не постојано, сме се соочиле со некаков страв. На разни полиња од животот. Сигурно сме се прашале „Дали сум добар родител?“, „Дали сум компетентен за оваа работа?“, „Што ако бракот не е добра идеја?“, „Што ако потфрлам?“. Рационалните одговори на овие и слични прашања не прават помалку да се плашиме. Но, соочувањето со ситуацијата и „скокањето во оганот“ сериозно ја зголемува нашата храброст и не го храни стравот.

Стравот е само повик да бидеме храбри. Без него храброста не постои. Тој е само повик на акција во нашите животи. Акција која може да нѐ однесе до височини за кои не се осмелуваме ни да помислиме. Освен тоа, секогаш е потребна здрава доза на страв, чисто заради претпазливост, адреналин и напредок.

Ова може да се генерализира и за сите спротивставени емоции. Едната крајност е базирана на страв и предизвикува парализа и чувство на заглавеност и стагнација, а другата, позитивната крајност нѐ тера на напредок и акција. Кога има движење, промена и делување има и живот. Кога има живот, има и успех и задоволство и изобилство.

Повик на храброст

Бидете храбри ДЕНЕС! Погледнете му на стравот во очи и покажете му заби. Не го хранете со самосожалување и не дозволувајте да ја преземе контролата врз вашиот живот. Не дозволувајте да ве победи.

Ако не знаете од каде да почнете, овие 3 нешта можеби ќе ви помогнат:

-Прашајте се што е најлошото нешто што може да се случи? Што би се случило ако случајно го напуштите овој свет?
-Дружете се со храбри луѓе.
-Направете листа од сите нешта од кои се плашите. НАПРАВЕТЕ ГИ СИТЕ ДО ЕДНО!

А ако се двоумите или предомислувате, не заборавете дека секогаш постои некој кој нема да ви дозволи да се откажете и ќе ви биде подршка. Изберете го и дајте му домашна.
Што се чека? Се почнува… ВЕДНАШ!

Извор www.arslucida.mk

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here