И покрај твредењата на директорот на „Шутка“, констатиран нехуман однос и деградирачки третман кон Орце Камчев

27
0
SHARE

Констатиран нехуман однос и деградирачки третман врз задржано лице е констатирано во извештајот на Народниот правобранител испратен до одбраната на Орце Камчев. Сепак, Народниот правобранител Насер Зибери во изјава за порталот „360 степени“ попладнево брифираше дека во извештајот, потпишан од заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска, не стоеле овие две формулации.

„Народниот правобранител при посетата изврши увид и во просторијата во која што притвореното лице било сместено во првите десет дена од издржувањето на мерката притвор, и беспоговорно констатира дека сместувањето во таква просторија го смета за нехуман и деградирачки третман врз задржано лице.“ – се вели во известувањето за завршување на постапката од страна на Народниот Правобранител, на кое известување потпишана е заменичката-народен правобранител Соња Трифуновска.

Сепак, и покрај ваквото официјално известување, Насер Зибери, попладнево брифираше дека од неговата институција не излегла ваква формулација.

Со сличен став излегоа и од Управата за санкции, од каде тврдат дека Камчев е сместен во услови како и секој друг притвореник.

Но, според извештајот на Народниот правобранител не е така.

Жалбата на одбраната на Камчев пак, открива и грозоморни детали од тортурата која е вршена врз него во „Шутка“, меѓу кои и дека притвореникот бил сместен во просторија од 4 квадратни метри, без санитарен јазол, без прозорец и без редовен доток на вода за пиење.

Директорот на затворот Филип Андонов, инаку советник на премиерот Зоран Заев пак, демантира, иако неговиот демант не би знаеле колку може да се земе за кредибилен знаејќи дека токму Анднов е лице со дебело полициско досие.

„Во светло на сето претходно произлегува нашиот недвосмислен заклучок дека, државните власти воопшто не реагирале по службена должност во овде илустрираниот случај на жалителот ниту превентивно ниту пак во текот на првите десет дена од моментот кога жалителот започнал да ја издржува казната притвор, свесно малтретирајќи го жалителот за тој временски период со цел кај него да предизвикаат чувство на страв, инфериорност и понижување, сето ова дизајнирано за кршење на неговиот физички и морален отпор, што видно се свело на свесно изложување на жалителот да биде подложен на нечовечко и понижувачко постапување во траење од вкупно десет дена (*Види ја пресудата на Европскиот суд во случајот „Ireland v. the United Kingdom”). Ова сакаме посебно да го комплетираме со фактот дека, моменталното преместување на жалителот во друга просторија во рамките на КПУ Затвор Скопје во никој случај не ја исклучува можноста тој повторно да биде вратен во просторијата на КПУ Затвор Скопје  каде тој бил сместен во текот на првите десет дена од почетокот на издржувањето на мерката притвор определена против него.“ – се вели во жалбата на адвокатската канцеларија Менкиновски, која е ангажирана како одбрана на Камчев.

Понатаму во жалбата се објаснуваат условите во кои е сместен Камчев.

„Од денот кога бил спроведен на издржување на овде наведената мерка притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје, односно од 14ти Март 2021 година, жалителот бил сместен во притвореничка просторија која била со димензии 4м2 /1.80м2, а во која квадратура влегува и површината во која се наоѓал креветот и делот наменет за вршење на физиолошки потреби. Истовремено, во оваа просторија немало спроведено вода за основни потреби, односно нема чешма, а во делот од наведената просторија кој би требало да биде наменет за извршување на физиолошките потреби, не постоело санитарен чвор, туку имало само некоја импровизирана дупка во подот за извршување на потребите. Оваа дупка во подот била затната и полна со фекалии, кои буквално се разлевале по подот и тоа од денот кога жалителот е спроведен во КПУ Затвор Скопје-Скопје за издржување на определената мерка притвор.“ – стои во жалбата на Менкиновски.

Според членот 3 од Европската конвенција за човекови права, која е задолжителна за Македонското правосудство, мачењето е забрането и казниво со кривичен закон според членовите 142 и 143 од КЗ на Р.Македонија.

Кривичната одговорност за малтретирање би паднала врз грбот на директорот на затворот, Управата за спроведување на санкции но и на надлежниот судија.

Нехуманиот однос, тортурата и мачењето во затворите во Македонија, нотираше и американскиот Стејт Департмент.

Од адвокатската канцеларија Менкиновски најавија тужба во Стразбур.

Камчев е осомничен во делото „Плацови“ на Водно, заедно со Сашо Мијалков, Никола Груевски, Ристо Новачевски, Ратка Камчева.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here