Катимерини: Ако пропаднат преговорите за името ќе настанат Голема Албанија и Голема Бугарија

421
0
SHARE

Влијателниот грчки весник Катимерини анализира што би можело да се случи ако пропаднат нагло забрзаните преговори со Македонија за решавање на спорот околу името.

Неуспехот на преговорите прво ќе значи дека земјата и понатаму официјално ќе продолжи да се нарекува „поранешна југословенска Република Македонија“, како што прифатија самите ОН, а и Грција. Но во своите односи со најмалку 120 земји што ја признаа под уставното име, таа и понатаму ќе биде само „Република Македонија“.

„Што добиваме ако не го прифатиме компромисот за сложено име?“ за кој сега се преговара, ги прашува грчкиот весник сонародниците и одговара: „Остануваме национално горди дека не сме го продале името“.

„А ако сојузниците сепак го повикаат Скопје на самитот на НАТО во јули да поднесе барање за членство, ние ќе ставиме вето. И додека ние славиме, Американците и Европејците ќе го урнат ветото и ќе најдат начин да нè заобиколат и да ја примат ФИРОМ“.

Во овој случај, Македонија „повторно би се обратила до Меѓународниот суд во Хаг, каде што Грција веќе беше осудена во 2008 година за претходното вето, но ѝ беа простени санкциите“.

Потоа, продолжува весникот, групата членки ќе поднесат барање до ОН Македонија конечно и таму да се нарече како што се нарекува и „тоа за нас е шлаканица“.

Во случај на пропаст на преговорите, има и полоши работи: „Владата на Заев паѓа, неговата земја се затвора во себе, етничките судири меѓу Албанците и Славомакедонците се активираат и се покренуваат центрифугални сили што ги туркаат Албанците кон Тирана, а Славомакедонците кон Бугарија“.

„Доаѓа до мирен развод меѓу Албанците и Славомакедонците (како Чешката Република и Словачка), овие два народа им се припојуваат на соседните метрополитски национални центри и преку нив влегуваат во ЕУ и НАТО“, пишува атинскиот весник.

Во овој случај, „мапата на Балканот во почетокот де факто се менува на нашите северни граници, а потоа и де јуре, во зависност од развојот, настануваат Голема Албанија и Голема Бугарија, Србите и Турците се мешаат, а ние брзаме да му ‘помогнеме’ на нашето малцинство од 700.000 (!) Грци во БЈРМ – како што рекоа говорниците на собирот во Солун“ минатиот викенд.

Со тоа се „активира верижен, домино-ефект, како кошмар“.

„Што правиме тогаш?“, ги прашува атинскиот весник Грците. „Ќе почнеме да ги пцуеме странците што нè уништиле, ќе ги бараме националните предавници и национално горди сите ќе испоскокаме во бездната. Звучи како сеење страв? Можеби, но само за оние што не сфаќаат што се случува надвор од нашиот дом“, заклучува Катимерини.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here