Специјалната обвинителка Катица Јанева нема намера да се откаже од својата функција иако во преговорите меѓу власта и опозицијата за специјалното обвинителство се зборува и за нејзина смена. Барањата на ВМРО-ДПМНЕ за кадровските промени во СЈО ги смета за политички. Јанева дури најавува дека ќе се кандидира и за втор мандат по истекот на тековниот во септември.
– Барањето „ниту држи вода, ниту е на место и нема основа“. Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон…Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, вели Јанева
Специјалната обвинителка не сакаше да коментира дали е потребна лидерска средба за да се најде решение за законот за јавно обвинителство. Но затоа пак, вели дека за бавната разрешница за постапките што ги води одговорни се судовите.