КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Шочурија

467
0
SHARE

„Еј море куме златен, во небрано ти си фатен“, колку ли е соодветна оваа песна која ја пее Ѓоко Дончев за нашава денешна политичка ситуација. Во Давос, Зоран Заев, го доби кумството над аеродромот и автопатот. Тој ќе ги преименува во „Пријателство“. Значи, тој одлучил самиот да биде кум. Кога тргнало се да биде во стилот на пријателство и кога гаќите веќе се спуштаат нека биде и маскенбал. И така воведуваме двојазичност, за да ептен им се допадне на Столтенберг и останати американски „френдови“ на аеродромот „пријателството“ нека му го напише на Албански – „Шочурија“. Барем со еден удар нека отепа две муви. Па нели човекот нема црвени линии.

Солунскиот аеродром е преименуван во „Македонија“ 1993 година. Ако веќе се бара компромис, и ако се тврди дека Македонија е регион кој опфаќа три држави се поставува прашањето, со кое право Грците нивниот аеродром ќе си го викаат Македонија, а нашиот да не се вика „Александар Велики“ туку „Шочурија“. Каков е тој компромис кога ние треба да смениме имиња на улици, на аеродром, име на држава, Устав, идентитет, јазик, учебници, историја, а тие не треба да менуваат ништо. И тоа било компромис! За што го правиме ова? За да сме биле дел од пактот. Односно, од НАТО пактот.

Владата Цветковиќ-Мачек на стара Југославија склучи договор за влез во тројниот пакт (и тогаш имаше два табора – Антанта и Оска). Целта на влегувањето во тројниот пакт беше да се спасат жртви и да се спаси Југославија од разорување за да не влезе во воен судир со Хитлеровиот троен пакт. Денес, влегуваме во НАТО пактот плашејќи се да не ни ја распарчат државата затоа што сме биле мали и немоќни и плашејќи се дека ако не влеземе во НАТО ќе не изолира и Европската Унија.

Како што гледате пактови и сојузи постоеле и ќе постојат. Но тие се минлива категорија. Трајна категорија се државите. Замислете тогаш во 1941. година за да влезе во пактот Југославија да требала да го смени името. Но, тогаш се кренале патриотските сили потпомогнати од англиските разузнавачки сили со паролата „Боље гроб, него роб!“. Ние денес ќе дадеме се. Име, идентитет, јазик, култура, историја, учебници и што е најважно ќе го дадеме достоинството. За да бидеме нечии робови. Ќе бидеме робови затоа што тие во нивната најнова стратегија запишале дека нивен непријател е Русија, Кина, Северна Кореја и Иран. И, се здружуваме со нив за да ги праќаме нашите синови да војуваат кај Урал, во Јужното Кинеско море или во Персија.

Повеќе од очигледно е дека ваков човек на чело на Македонија тие чекаат повеќе од 20 години, и во моментот кога им е најпотребно цела Европа да ја претворат во НАТО пакт ние ги спуштаме нашите црвени линии (гаќите) до даска.

Не знам само што мајка ќе бара лидерот на опозицијата на состанок кој му го организира Заев. Логично е тој да оди на лидерска средба организирана од претседателот на државата. А, на средба во која Заев ќе ги информира до каде стигнал со предавството е неопозиционо, и местенка од страна на СДС за да ја сподели одговорноста заедно со опозицијата. Заев не е донесен на власт во Македонија затоа што е многу паметен или затоа што многу знае, туку затоа што најдобро ќе го изврши предавството. И, нема зашто во тоа опозицијата да му асистира.

За што е донесен на власт и што задача добил нека си ја изврши, но без поделба на одговорноста со опозицијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here