МАНУ се вклучува во спорот со Грција

535
0
SHARE

Премиерот Зоран Заев во четвртокот беше во посета на МАНУ, со цел и Академијата да се вклучи во градењето аргументација на македонската страна во преговорите со Грција околу спорот за името.
Премиерот Заев на средбата во МАНУ ги информирал претседателот Таки Фити и присутните академици за текот на процесот за решавање на проблемот што Република Грција го има за уставното име на Република Македонија. Во размената на мислења во однос на ова прашање, членовите на претседателството на МАНУ, како и поранешните претседатели што учествувале на оваа средба, истакнале дека највисоката научна установа во земјата има јасни ставови, документи и научни факти што можат да помогнат во градењето аргументација на нашата страна во преговорите. На средбата било договорено да продолжат меѓусебната консултација и соработката меѓу стручните тимови на МАНУ и Владата на Република Македонија.

Ваквите скудни информации за договорените меѓусебни консултации отвораат дилема од каква позиција и со какви аргументи МАНУ ќе ја советува Владата на Р. Македонија во преговорите со Грција. Иако во јавноста преовладува мислењето дека МАНУ недоволно била вклучена во активностите околу досегашните разговори и преговори за уставното име на државата, односно дека вешто и дипломатски избегнува да се изјасни за идентитетските прашања, претседателот на Академијата, Таки Фити, во интервју за „Нова Македонија“ по повод 50-годишниот јубилеј на највисоката научноуметничка институција, во октомври минатата година, го демантира таквиот впечаток. Тогаш тој истакна дека уште во 2002 година МАНУ има објавено „Промеморија во врска со спорот за името на Република Македонија“.
– Не е точна констатацијата дека МАНУ молчи за прашањето за името и особено за прашањата поврзани со нашиот идентитет. Во 2002 година МАНУ објави „Промеморија во врска со спорот за името на Република Македонија“, во која опстојно се елаборира ова прашање. МАНУ во промеморијата изразува согласност со принципиелните ставови за спорот за името изнесени од страна на Меѓународната кризна група, во кои, меѓу другото, стои: за Македонците името Македонија служи како единствено име и за државата и за народот; името на државата е неразделно поврзано со идентитетот на македонскиот народ, името за Македонците не е прашање само на идентитетот туку и на постоењето; Македонците немаат друга „роднинска“ или, пак, „матична“ држава за да го обезбеди нивниот идентитет. – изјави за „Нова Македонија“претседателот на МАНУ.

Од друга страна, „Нова Македонија“ неодамна дојде до документ на МАНУ, односно Декларација за името, усвоена од Собранието на МАНУ уште на 25 мај 2010 година, која не била јавно објавено. Имено, декларацијата била за интерна употреба, но ги открива тогашните позиции на МАНУ за прашањето на името. Имено, во седмата точка од (тајната) декларацијата се открива дека Академијата предлага македонската страна во разговорите да излезе со компромисен предлог за користење на името Република Македонија (Скопје).
– Употребата на ова име само во рамките на ООН и во комуникацијата со државите, кои, како членки на ООН, ќе се определат така да ја нарекуваат Република Македонија, не е во спротивност со барањето за зачувување на уставното име на Република Македонија, македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик – се вели во седмата точка од декларацијата.
Сепак, и покрај флексибилниот став за името на државата, МАНУ категорично не отстапува од националниот идентитет на македонскиот народ и името на македонскиот јазик, во неговите јазични изрази, кои се општоприфатени во светската лингвистичка наука. Тоа го артикулира во втората и третата точка од декларацијата.

– Националниот идентитет на секој народ е историска и културна придобивка и колективен сублимат на природното човеково право на припадност кон определена заедница, а јазикот сврзно животно ткиво на националната и културна заедница и основна карактеристика и услов за нејзината посебност, опстојување и иднина. Никој нема право да ги менува, со каков било договор, уцена или диктат, ниту да заговара решенија на негирање на националниот идентитет или јазикот, во современата цивилизација квалификувани како национално-културен геноцид – истакнато е во третата точка од Декларацијата.
По средбата на премиерот Заев со академиците, ниту од МАНУ ниту од Владата не излегоа со поконкретни информации за договорената соработка.

ИЗВОР: Нова Македонија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here