НАТО НЕ СИ МОЕ ЗЛАТО

941
0
SHARE

Во изминатите неколку месеци кај нас во Македонија се интензивира кампањата за членство во Северноатлантскиот сојуз кој го знаеме како НАТО. Од различни причини сега се организирани мноштво акции, дебатни емисии, телевизиски дебати и слични манифестации. Покрај тоа што огромен дел од Македонците се против членство, посебно затоа што треба да платиме многу висока цена а тоа е промена на името, идентитетот, јазикот и се останато. А целта за влез во НАТО , се чини дека е во приоритет над приоритетите на сегашната Влада и на двете најголеми Македонски партии.

Многу “домашни инетелектуалци” (секогаш треба да се биде скептичен на оваа група) кажуваат дека ова е последниот воз за влез и дека потоа ќе биде доцна. Апсолутно погрешно убедување, бидејќи НАТО и понатака ќе продолжи со прием на нови членки.

Многу аргументи, без соодветна подлога, се користат да се  поткрепи важноста на оваа “стратешка цел” и јас ќе пробам да ги разобличам , при тоа ќе дадам контра аргументи за секој од нив.

Ќе ги поделам во аргументи од четири аспекти: економски, геополитички, безбедносен и човечки.

1. Првиот е економски аспект.

Тој гласи вака: “НАТО сојузот нема само единствено воена, туку и силна политичка и економска компонента и во НАТО влегува целото опшество, а не само вооружените сили”. Од тоа се заклучува дека за нашето членство поважна е економската погодност  отколку самиот воен или сигурносен бенефит, што само по себе убаво звучи. Сепак, никогаш не се наведува конкретниот економски интерес, само се наведуваат формулации од типот: “Членството во НАТО го зголемува интересот на странските инвеститори за вложување во земјата. Истата интерпретација се слуша од разни страни: “ Со учество во колектнивниот систем за безбедност како што е НАТО, непосредно се обезбедува политичка стабилност и го потикнува економскиот просперитет на државата”. Суштината на овие аргументи се состои во тоа дека сегашните заинтересирани ивеститори “наводно” ги одбива моменталниот статус на Република Македонија кој многу би се поправил со влезот во НАТО. Имајќи ја во предвид моменталната економска и политичка криза во која се наоѓа  нашата држава, ова би требало да биде клучен аргумент со кој треба да ги отфлиме сите наши анимозитети за влез во НАТО алијансата. Ама ваквата теза воопшто не е точна.  Странските инвеститори не прашуваат дали земјата е член во некој сојуз, тие прашуваат за политичка предвидливост, транспарентност на администрацијата, за даночната политика, за економската клима и за независност на судството. Членството во северно-атлантскиот пакт ништо не му значи на вистинскиот инвеститор. Кај нас до сега инвестирале големи светски компании како што се  Deutche Telecom, Telekom Austria Group (ВИП), Johnson Matthey и многу други. Иако не сме членка на НАТО тие инвестираа затоа што имаат економски интереси. Сепак многу аналитичари и политичари “наведуваат примери за директни економски погодности  на земји членки од централна и источна Европа после нивниот прием во НАТО, дека од нивното искуство се покажува бенефит кој го добиле, односно дека безбедноста и демократизацијата на опшеството се исклучително важни за економскиот раст”. И тука се заклучува дека не се наведуваат конкретни информации поврзани со економскиот раст и се премолчува фактот дека овие земји биле во претпристапни преговори за членство во ЕУ и користеле средства од претпристапните фондови и дополнително се задолжувале. Освен тоа тој период се карактеризира со општ раст на БДП скоро во сите држави во Европа. Исто така нема податоци дека во државите кој подоцна се приклучија во НАТО сојузот постои економски раст а тоа се Бугарија, Романија, Хрватска и Албанија.

Затоа може да заклучиме дека директен економски развој од влезот во сојузот нема. Ама пропагаторите за влез забораваат да ни кажат дека влезот во НАТО ќе не чини  многу. По статутот на алијансата треба да се реорганизира и професионализира војската по НАТО стандарди. Мора да се купува оружје и опрема по НАТО стандарди, која исклучиво се произведува во НАТО држави и таа опрема и наоружување е многу, многу поскапо, Едноставно изборот ќе стане мал и при тоа многу скап.

Државата ќе мора да издвојува 2% од БДП или околу 200 милиони долари годишно за опремување на нашата армија. Што за нас е премногу.

Затоа не само влезот во НАТО дека ќе го потикнува економскиот раст туку ќе треба дополнително да се задолжува Република Македонија.

Економска оправданост нема. Оттаму следи заклучок  НЕ во НАТО.

2. Геополитичките аспект.

Северно-атлантскиот сојуз е основан во 1949 година во едно различно време од денес. Основната причина за постоење на НАТО беше да биде опонент на Вршавскиот пакт а пред се на СССР. Тоа беше систем преку кој западните земји би се одбраниле од потенцијалните напади од источните соседи. После падот во 1989 година на Берлинскиот зид се растура и Варшавскиот пакт и СССР, така да неговата основна идеја за постоење престанува да постои. Во годините што следат сојузот пробува да најде причина за постоење. Денес главни цели се ширење на демократија (замислете воен сојуз да шири демократија), решавање на судири по мирен пат и борба против тероризмот. Иако многу светски еминентни аналитичари тврдат дека единствена причина за одржување на сојузот е да се опонира на Русија и Кина.

Затоа на нас е да решиме дали сакаме да бидеме дел од судирот со тие две земји и со нивните сојузници и со тоа да ја срушиме нашата геополитичка позиција и економската, имајќи во предвид дека се работи за држави кој имаат најголем економски раст помеѓу развиените држави и за тоа имаат најголеми можности за инвестиции во нашата земја. Геополитички беше мудро да се влезе во НАТО пред 1989 година, а денес, кога геополитичката слика е нејасна, променлива тој чекор не би бил мудар. При тоа имајќи ги во вид позитивните економски движења на Не-НАТО земјите како што се земјите на БРИКС и Евроазијскиот сојуз.

 3. Безбедносен аспект, кој и зашто ни се заканува .

За почеток треба да се истакне дека нас не ни се заканува  ни Русија ни Кина, земјите споменати како опоненти на НАТО, затоа немаме причина за влез во сојуз за да се заштитиме од нив. Втор проблем би можел да биде тероризмот. Македонија не е високо на листата за терористички закани. Доколку влеземе во НАТО може да се случи да дојдеме во ситуација да некоја терористичка челија како своја мета да таргетира некој објект во Република Македонија.

Останува да видиме дали имаме опасност од нашите соседи?

Од четири соседи плус Косово, три се членки на НАТО и една е протекторат на НАТО. затоа претпоставувам дека од нив не ни прети инвазија, освен ако нашиот влез во НАТО не е заправо опасност од напад од некоја од земјите членки. Ако е така, тогаш навистина сме во проблем, тогаш нашата влада јасно и јавно треба да ни каже дека немаме ресурси и војска да се спротиставиме и дека треба да се согласиме на некаква врста на мека анексија. Останува уште Србија со која традиционално имаме одлични добрососедски односи и градиме пријателски односи што ми дава за право да заклучам дека немаме причини за грижа од напад.

Можеби заради познатиот став и односот кон уставното име на државата Република Македонија, надворешен непријател ни е јужниот сосед кој е член на НАТО.

Или можеби Македонија има внатрешен непријател увезен од западносеверните соседи

Затоа подвлекувам дека Република Македонија не е во опасност и дека тоа не е доволна причина за влез во НАТО.

4. Човечкиот аспект

За почеток, основно човеково чувство а посебно за малите народи е да тежнеат кон пацифизмот, мирот, разоружување, се што е спротивно на НАТО стратегијата. Освен тоа ние во историјата сме имале можност да видиме како е кога си окупиран од големи сили, затоа со членство ние би се претвориле во окупатори и силедџии по прв пат во нашата историја. Мислам дека никој од нас не посакува такво нешто. Исто така со стапување во сојуз нашата држава превзема одговорност за секој цивил кој ќе настрада од акциите на НАТО сојузот, секој од тие недолжни жртви ќе биде и на наша совест.

Сите човекови причини, пацифизмот, историската борба со окупаторите на нашата земја, не охрабруваат да донесеме заклучок дека не ни треба членство во НАТО.

За крај доаѓаме до заклучок дека сите аргументи се против наметнатиот курс за влез во НАТО. Економски ќе не чини многу а ништо нема да добиеме, геополитички состојбата и не е толку јасна, што било какво позиционирање може да биде голема грешка, безбедносно не сме загрозени а она човечкото ни говори воопшто да не влегуваме.

Мислам дека контра аргументи на горе наведеното не можат да бидат дадени за да го сменам мислењето,

и за крај можам да заклучам НЕ во НАТО…

Крсте Петревски

Член на Извршниот одбор на ГРОМ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here