Политички или реален попис

482
0
SHARE

Деновиве повторно во фокус е пописот како и најавата од ДЗС дека ќе имаме попис во 2020 година. Сакам да дадам свое видување на оваа тема.

Пописот во една држава преставува обемна и долготрајна статистичка операција кој според меѓународните норми се спроведува на секои десет години т.е. годината во која ќе има попис треба да звршува на бројот 0 или 1. Целта на ова правило е да може да се споредуваат податоците од различни земји. Од пописот не се обезбедуваат само податоци за бројот на населението и неговата територијална разместеност туку и за неговата структура според географски, демографски, етнички, социјални и економски белези. Овие податоци се многу битни бидејќи со нивна анализа се предвидува севкупниот (економски и социјален) развој на земјата.

Што ова значи? На пример да земеме една општина, град или регион врз база на овие податоци ќе можат да видат дали имаат потреба од школи, градинки, здраствени установи, нови улици, патишта, водовод, канализација, зони на домување, работни места и.т.н. Исто така треба да напоменеме дека овие податоци се важни и за странските инвеститори бидејќи било кој од нив пред да се реши да инвестира нема да обрнува само внимание на местоположбата, инфраструктурата, политичката и економската стабилност туку и на квалификуваната работна сила, од кои профили се и нивниот процент. Затоа пописот е од големо значење за секоја земја. Нажалост нашата држава е единствена во Европа и една од малкуте во светот каде нема спроведено попис на своето население изминативе 16 години. Како без постоење на релевантни податоци можеме да направиме анализи и оценки на состојбите во економскиот и социјалниот развој на нашата држава и како можеме да го планираме развојот во стопанството, образованието, здраството, домувањето и другите сфери. Тука посебно сакам да го нагласам и фактот дека Македонија е сериозно зафатена од процесот бела чума (намален наталитет зголемен морталитет). Географите ,демографите и останатите треба да бидат погласни околу овој проблем бидејќи без младо, работноспособно и репродуктивно население нашата земја нема иднина.

Во нашата држава се планира спроведување на попис во 2020 според меѓународно утврдена методологија. Тоа што мене како граѓанин на оваа држава ме става во дилема и се прашувам е дали ќе имаме реален или политички попис? Оваа дилема ја темелам на два момента. Првиот е пописот ќе се спроведе за време на владеењето на оваа гарнитура предводена од Зоран Заев. Да се посетиме од моментот кога тој доаѓа на премиерското столче имаме константно кршење на законите и уставот на Р. Македонија и тоа: лажни писмени гаранции спрема Претседателот на државата, нелегитимно избран Претседател на Собрание, (не)добрососедски договор со Бугарија, законот за јази(ци)кот, преговори со Грција. Имаме премиер кој едно мисли, друго зборува, трето прави. Врз основа на овие факти како да веруваме дека ќе имаме реален попис. Вториот момент е во тоа што некои права на малцинствата, како опсегот на користење на мајчиниот јазик, се поврзани со 20%. Експерт не сум за да кажам дали правата треба да бидат поврзани со процентуална квота но, гледаме дека тоа не попречува во спроведувањето на објективен попис ( посебно тоа го попречува една етничка заедница Албанците кои се 18-19% констатирано од надворешна институција). Да се разбереме не сум за укинување на правата на малцинствата, истите треба да ги уживаат и да бидат унапредени. Но, овој момент доведе во 2002 да имаме нереален попис и да не заборавиме истиот не беше потпишан од тогашниот директор на ДЗС поради оправдани сомневања за фалсификат. Со пописот во 2020 ќе добиеме точен збир на неточни податоци, повторно ќе ни се случи фалсификат бидејќи на некого не му одговараат реалните бројки. Позитивен исход ќе имаат Албанците. Според последниот попис тие се 25,17% и ќе се обидат да го задржат тој процент и ако можат да го зголемат на 30-35% (нивните лидери постојано го потенцираат овој процент). Тоа ќе го постигнат на тој начин што сè ќе попишат СÈ. Ќе се попишат тие што живеат тука, тие со двојно државјанство како и тие што живеат надвор над една година (иако според методологијата тие несмеат да се попишуваат). Да се потсетиме поради таквото флагрантно кршење на правилото беше една од причините за прекинување на пописот во 2011. Неповолен исходот ќе биде за Македонците муслимани, Турците и Бошњаците бидејќи дел од нивниот процент ќе биде додадена во графата Албанци. Го слушнав директорот на ДЗС, Симовски како предложува графата етничка припадност да биде заменета со кој јазик го зборувате дома. Сметам дека ова нема да доведе до некакви позитивни поместувања. Албанците си имаат своја агенда и се додека има луѓе кои истата ја поддржуваат и реализираат тие нема да одстапат од ништо.

Пописот не треба да се користи за дневно политички цели и ниски удари и треба да се направи јасна дистинкција меѓу попис и политика. Да потенцирам пописот ни е потребен за да видиме колку сме, природен прираст, густина, структура, распоред на населението,миграција, емиграција и.т.н. за да можеме да ги превземеме вистински чекори во економскиот и социјалниот развој на нашата држава. Што се однесува до тоа колку се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби и останати важно е но, не е од пресудно значење. Сите треба да ги тргнеме суетите на страна и да го сфатиме вистинското значење на еден попис. Попис во Македонија треба да има и тоа во оној момент кога политиката ќе тргне раце од него и треба да биде спроведен од луѓе кои имаат капацитет, знаење, чесност, цврстина и волја, да биде реален и фер и според меѓународно прифатена методологија. Колку сме, толку сме, токму да сме.

Лилe Николоска

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here