Ристо Никовски: ЗОШТО ТРЕТАТА ОПЦИЈА Е ИМПЕРАТИВ?

581
0
SHARE

На последните три парламентарни избори (2011, 2014 и 2016), коалициите на двете македонски партии освоија 98, 95 и 100 места во Собранието. Односот ВМРО ДПМНЕ : СДСМ беше 56 : 42; 61 : 34 и 51 : 49. Иако двете беа далеку најбројни во Собранието ниту една немаше мнозинство за да формира влада, освен минималното во 2014. Најтрагично беше во 2016. Тогаш дојдоа до израз албанските 20 пратеници кои, по надворешен диктат, одлучуваа кој ќе ја води земјата и како. Започнаа нови нивни калкулации и уцени. Тешко е да се замисли дека во блиска иднина било која од двете македонски партии ќе обезбеди преку 61 пратеник за да не биде непринципиелно условувана.

Тоа е главната причина зошто е итно потребна трета опција. Тоа може да биде и движење во кое ќе нема измешано лични и партиски интереси. Ако се подготви добра и коректна национална и државна платформа, не е невозможно таа да освои и преку 25 пратеници. Латентните гласачи би биле од сите македонски партии, од тие што до сега апстинирале, а зошто за неа да не гласаат и Албанци кои се лојални на оваа држава и не се задоени со големоалбански илузии. Двете најголеми македонски партии нека ги поделат другите места во Собранието во било каков однос: од преостанатите 72 места (од претпоставени добиени 97), победничката ќе освои околу 40 а поразената до 32. Со најмалку 25 пратеници, третата опција ќе го диктира темпото а не Албанците со нивните неуставни барања.

Никој нема да може без неа да формира влада и таа ќе биде во позиција да поставува услови само во интерес на државата и граѓаните. Ако третата опција навистина биде чесна, патриотска и реформска, бидејќи нема да мора да манипулира заради добивање или задржување во власта, може да биде дури и победничка. Слично се случи во Бугарија, кога поранешниот цар, Сакскобурготски, успеа да ја добие власта и да ја внесе Бугарија во НАТО (2004) отворајќи го патот за ЕУ (2007). И Форца Италија, на Берлускони, беше нова опција. Така победи и Макрон, во Франција.Ако се оди на трета опција, мора веднаш да се каже дека некои од преамбициозните отпадници од ВМРО ДПМНЕ во никој случај не можат да ја понудат. Доволно се виде кои се и какви се тие. Со нив можеме само назад, не напред. Изборите во 2016 година покажаа дека двете длабоко поделени македонски партии се неупотребливи бидејќи нивните 100 освоени пратеници беа помалку важни од 20-те на албанските партии кои ја диктираа владата и овозможија погубни политики за македонскиот народ.

Апсурдот беше максимален и со сигурност може да се гарантира дека тој ќе се повторува на сите следни избори. Да не забораваме дека странците (САД) одамна се обидуваа да ги обединат Албанците против Македонците. Сега тоа се случува, иако нивните меѓусебни конфронтации си останаа. Затоа е потребна итна акција за да се спречи понатамошно бришење на македонскиот карактер на државата.Кога двајца се караат, третиот секогаш користи. Албанците со право капитализираат на непремостливата поделеност на Македонците и кога се во прашање нивните најстратегиски интереси. Неверојатно обединети и единствени околу националната кауза тие заслужуваат најголема почит.На партиски план, и во борбата за власт, и тие си ги вадат очите ама прецизно разликуваат што е суштинско и важно за нив како народ а што е дневна политика. Македонците немаат такви сознанија. И без недвосмислената поддршка која ја имаат од САД и само тие 20 пратеници се доволни да ни ја кројат капата и да ни прават што сакаат.

Изборите од 2016година јавно ја демонстрираа македонската ранливост поради поделеноста. Двете главни партии и не помислуваат заедно да прават Влада, како Германците, на пример. Такво нешто не доаѓа предвид. Ако сме присилени на понижувачки договори со Бугарија и Грција, зошто да правиме компромиси меѓу себе? Националните и државните интереси не можат да бидат поважни од личните и партиските. Ако двете македонски партии во 2016 формираа широка коалиција, во која би влегле сите или дел од албанските, не ќе можеше да ни се случат трагедиите кои следеа. Но, таа беше невозможна бидејќи надворешна сила го донесе СДСМ на власт за да испорача историско виткање на ’рбетот на Македонците и нивно бришење. Ги донесоа бидејќи јавно се декларираа дека не се патриотска партија.

Другата опција може да биде само – предавничка. Праксата го потврди тоа. Опишаните состојби единствено можат да се надминат со појава на трета опција на македонската политичка сцена и тоа додека не е предоцна. Најдобро би било таа да “заигра“веќе на следните претседателски избори. Таа би можела да биде и за еднократна употреба, да го запре ова наше летање прудолу, во бездната во која нема место за Македонците.

Нашиот народ секогаш имал длабоко конфронтирани лидери. Тоа никогаш не било случајно ниту резултат само на нивните слаби национални и државнички капацитети. Тие биле жртви на игрите околу Македонија, било на соседите,било на другите меѓународни фактори. Така било и кога сме биле без своја држава, така е и сега кога не знаеме да ја владееме и сочуваме оваа што ја имаме. Поделеност имаше и за време на Југославија ама последиците не беа толку страшни, иако не беа за потценување.

Овие наши болки нагласено се манифестираат по независноста на државата кога до целосен израз доаѓаат туѓите интереси и последиците се видливи со голо око.Денешната поделеност меѓу Македонците е во голема мерка резултат на потребите на единствената суперсила. По распадот на федерацијата, веднаш се виде дека самостојна македонска држава не е прифатлива за Вашингтон, кој е менаџер на сите овие наши голготи, сесрдно поддржан од Берлин, Париз, Лондон…

Поради тоа:
а) почна организиран процес на непризнавање на државата;
б) дојде до нелегална суспензија на уставното и историско име и наметнување на референца, со цел бришење на Македонците (1993);
в)следеше силеџиска блокада на границата;
г) ни се подметна поразителна привремена спогодба (1995);
д) имавме албанска воена агресија од Косово во организација на САД (2001) која заврши со целосна промена на уставниот карактер на државата, наметната со сила (ОРД);
ѓ) се спроведува албанизација на земјата (2004);
е) добивме нецивилизациска блокада на нашите интеграциски процеси со безобразен ултиматум и уцена – прво името потоа членство (2008);
ж) не присилија на не уставен договор од Пржино…
з) стигнавме до капитулантските договори со Бугарија и Грција и “тиранска платформа“, кои повторно уставно ја преуредуваат земјата заради нејзино понатамошно албанизирање…

Сите овие настани, регистрирани во последните 30-тина години, кои кулминираат сега, длабоко и неповратно го засекоа македонското национално ткиво. Ако некогаш имаше макар теоретски шанси да дојде до минимално меѓу македонско помирување, денес такви можности веќе нема. Македонец на Македонецот, од другата политичка партија, дефинитивно е – волк. Македонското помирување не е само невозможно туку и незамисливо. Се’ што е за едните бело, за другите е црно. Сознанието е трагично и страшно ама – точно.

Чаре може да биде само третата опција.

Македонската политичка сцена е карактеристична и по својот албански фактор чии лидери, по распадот на СФРЈ и особено по 2001-та, недвосмислено и веќе отворено работаат на финализирање на големо албанската кауза. Со независноста на Косово таа е веќе преку 70 проценти реализирана и најактуелна моментално е токму Македонија. Војната од 2001-та и ОРД не успеаја до крај да ги елиминираат Македонците и затоа дојде “тиранската платформа“, како крем на тортата.

Целосната американска поддршка на албанската кауза е нашиот најголем хендикеп кој го “голтаме“ бидејќи немаме соодветен одговор. Повторуваме фрази (“стратегиски партнер“) кои не прават крајно неодговорни ама и недоветни. Игнорирањето на вистината секогаш води во пораз. Додека тие на софистициран начин, од внатре, со “демократски средства“ го рушат македонскиот карактер на државата,елиминирајќи го и македонскиот народ, ние молчиме. Манипулациите на последните парламентарни избори (2016),планирани и контролирани од нив, на директен и уверлив начин го потврдија тоа. Се сеќавате ли дека неколку пати ги одлагаа, додека не созреат условите кои им беа потребни? И, на што работеа? И Албанците да гласаат за СДСМ! Тоа е врв на американскиот цинизам во третманот на Македонија.

Сето ова има уште една важна димензија. Албанските лидери успееја да ги стават во зависна позиција македонските политичари наметнувајќи пракса дека без нивна поддршка,или прифаќање, тие не можат да бидат избрани. Воспоставија систем според кој, ако Македонците сакаат да дојдат или останат на власт, тие мораат да ги исполнуваат желбите на албанските коалициони партнери кои, во најголем дел, се противуставни и спротивни на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Тие мораат да внимаваат и на секоја своја изјава, за да не се конфронтираат со албанските нелегитимни интереси.

Примери за тоа има безброј. Последна е уцената со “консензуален претседател“. Иванов го игнорираа а победничката партија тоа го толерираше.

И, кој е виновен за се’ ова што ни се случува?

Пишува за Свест Ристо Никовски

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here