Средба Ердоган-Путин: „Работиме на трајно решение за сириското прашање“

333
0
SHARE

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по средбата со својот руски колега Владимир Путин, ја потенцираше потребата од заедничка бoрба против терористичките организации, јавува Anadolu Agency (AA).

„Сакам да укажам на потребата од една заедничка борба против терористичките организации, чија цел е да ја поткопаат турско-руската соработка“, рече Ердоган во обраќањето на заедничката прес-конференција со рускиот претседател во Москва.

„Нашата заедничка борба против терористичките организации во Идлиб ќе биде продолжена на истиот начин. Лидерите како и нашите ресорни министри ги продолжуваат разговорите за прашањето за безбедносната зона во Сирија“, додаде Ердоган.

Тој истакна дека е од огромно значење да не се појави празнина која би ја злоупотребиле терористите за време на процесот на повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од Сирија.

„Потребно е што побрзо да се заврши процесот на формирање на уставотворната комисија на Сирија“, изјави турскиот претседател.

Рускиот претседател, Владимир Путин, од своја страна истакна дека состанокот со претседателот Ердоган бил особено конструктивен и дека е одржан во атмосфера на разговори за билатералните односи.

„Работиме на трајно решавање на сириското прашање. Сакаме ова прашање да се реши со политички и дипломатски средства“, изјави Путин на прес-конференцијата.

Тој истакна дека би бил позитивен чекор, доколку се оствари планот на САД за повлекување на нивните трупи од Сирија.

Путин рече дека Русија и Турција постигнале договор да работат на додатните мерки за спроведување на меморандумот за Идлиб.

„Согласни сме со Турција во врска со прашањето за борбата против сите терористи“, изјави рускиот претседател и додаде дека Русија наскоро ќе биде домаќин на трилатералниот самит на Москва, Анкара и Техеран за Сирија.

Претседателот Ердоган допатува денес во еднодневна работна посета на Русија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here