Стејт департмент: Албанија извор на канабис и земја транзит на силни дроги

322
0
SHARE

Во последниот извештај на Стејт департментот, Албанија се посочува како извор на канабис и транзитна земја на кокаин и хероин.

Во извештајот за 2018 година, стои дека шверцот на канабис, како и силните дроги, главно ги командуваат елементи на организиранот криминал, кои ги шверцуваат од земјите на потекло на европските пазари.

Количеството заплената дрога и апсењата поврзани со дрога во 2018 година, се наведува во извештајот, во голема мерка биле поттикнати од соработката на агенциите за спроведување на законот со меѓународните партнери, зголемениот меѓународен притисок и напорите на Албанија за влез во Европската унија.

Има зголемување на запленето количество кокаин кој транзитира низ Албанија кон Европа, покрај откривањето на лаборатории за обработка на хероин и кокаин во северна и централна Албанија. Албанските криминални групи тргуваат со кокаин и хероин на европските пазари од земјите во Јужна Америка и Азија, кои се извори на овој вид дрога, се наведува во извештајот.

Во документот, исто така, се наведува дека корупцијата на сите нивоа на власта ја ограничува севкупната ефикасност во борбата против наркотиците.

Официјалната корупција е широко распространета и промовира средина во која трговците со дрога се способни да дејствуваат без да бидат казнети. Обиди за искоренување на канабисот и кривично гонење на неговите одгледувачи биле многубројни, но не насекаде подеднакво. Интервенцијата во инфраструктурата на трговијата со дрога, која е создадена во текот на изминатите две децении, претставува предизвик, се оценува во извештајот.

Во извештајот, уште се додава дека високата стапка на невработеност и слабото владеење на правото, создале идеален амбиент за организираните криминални групи кои предизвикуваат проблем во контролата на дрогата во Албанија.

Извор Курир

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here