Теодора Спасовска: Рацете на татко ми

579
0
SHARE
Теодора Спасовска, ученичка во трета година во гимназијата „Гоце Делчев“, победник на првата Ораторска вечер што ја организираше Клубот на оратори на Правниот факултет од Скопје, а се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово)

Рацете на татко ми. Не знам како да ви ги доловам, да ви ги опишам. Се таложела маката на нив со години. Ги направила корави. Цврсти, груби. А лицето? Годините легнале врз тој истоштен лик, си почиваат во форма на бразди. Секоја сведок за непреспиените ноќи. Неговиот мал свет е сепак доволно тежок да го присили да оди подгрбавено под притисокот на немањето, но ох само да го видите…не постои човек кој оди поисправено и кој со поголемо достоинство ја носи својата мака.

Пред некој ден одд новчаникот на мајка ми ги земам 100-те денари за кои знам дека ми се послeдни мене, а и нејзе. Тогаш нешто во мене пукна. Сфатив дека нешто е сосема надвор од рамките на она што ние го нарекуваме добро. Да можеше почвата на оваа моја мала прекрасна татковина да зборува би ја прашала како во нејзини граници 5 члено семејство да живее со една 12 илјадарка? Веројатно не би можела да ми одговори. Не можам со прст да посочам кон никога и да му ја префрлам вината за нашата мизерна егзистенција, но знам. Знам дека илјадници деца од моево земјиче плукаат со прекор кон печалбарството. Плукаат бидејќи го немаат видено татко си со месеци. Неговиот мирис започнува да избледнува од нивните рецептори. Се навикнуваат на неговото отсуство. Зошто? Па за да може да се сврже крај со крај. За да може човекот кој те донел на овој свет да спие мирно и со чиста совест. Знаете ние не сме виновни за местото кое го зазема капиталот во денешново општество, но имаме обврска да преживееме, нели? Имаме обврска да го заработиме својот денар за да не бидеме Соња за која плаче Достоевски низ страниците на „Злосторство и казна“ или Стојан за кој Антон Панов тегобно раскажува во драмата „Печалбари“. Не посочувам со прст кон државата, кон системот или егзистенцијалната филозофија, па јас сум само дете, дете кое со целата своја искреност сака вистинско и стабилно семејство. Семејство кое нема да потклекне под стегите на немањето. Упорно власта ја гази младата интелигенција и ненамерно уште од најрана возраст ја всадува во незрелата свест идејата дека тука нема живот. Положен и поминат испит, падната и помината година, непроспиена ноќ пред колквиум, за што? За 12.000. Па можеби тука навистина нема живот. Затоа македонската млада интелигенција ги кити достигнувањата на туѓите земји кој знаат да го ценат трудот. Бидејќи секој млад мозок кој нема партиска книшка е програмиран да посегне по бугарскиот пасош. Бидејќи мојата чудесна земја упорно не брка. Јас сум млада индивидуа која допрва треба да се развие и да функционира во ова општество. И секој ден додека ги правам оние секојдневни работи се обидувам да најдам причина за да не го оставам ова секојдневие. За да не посегнам по авионска карта. Секој ден се обидувам да најдам изговор кој ќе ми каже – не, не е грешка во системот, туку во твојот пристап кон денешницата. Но попусто. Такво нешто нема. Знам дека грешката не е во мајка ми која со завршен медицински факултет се убива од работење на погрешното работно место како просечен минималец. Знам дека грешката не е во неа. Некаде длабоко нешто не е во ред, нешто е погрешно. Навистина чувствувам посебна врска со почвата на која израснав, како што верувам и секој од вас чувствува. Но секојдневно ја гледам мајка ми како трепери од преработување на погрешната работа и одбивам во неа да се видам себеси. Одбивам нејзината сегашност да е отслика на мојата иднина. Одбивам тоа да бидам јас за 20 години. Овој процес на масовно напуштање на мојата чудесна земја кој е изреволтирано следен од патриотите има само еден корен, само една причина. А причина е она што ни го нуди државата. Ни нуди на малите екрани да гледаме некој господин кој под добро закопчаното одело ги крие сите карактеристики кои покажуваат дека тој е човек. Си дозволуваме времето што го немаме да го посветиме на слушање на некој претходно осмислен говор на овој господин кој меѓу другото нема некоја функција освен перење на нашиот мозок.

Да. Јас сум само дете и си ги сакам родителите назад. Сакам на крајот од денот мајка ми да не е уморна до тој степен што не е способна да слушне како поминал денот на трите ќерки. Сакам татко ми да биде дома за Велигден. Ние сме постојано под седативи. Да. Седативи, бидејки не боли немањето. Немањето услови. Седатирани сме и молчиме, но кога нешто ќе пукне, молкот е заблуда. Знаете, татко ми вечерва не можеше да дојде и да го следи мојот прв јавен говор. Знаете и зошто, нели? Бидејки една 12 илјадарка не рани 5 грла.

( Автор: Теодора Спасовска, ученичка во трета година во гимназијата „Гоце Делчев“, победник на првата Ораторска вечер што ја организираше Клубот на оратори на Правниот факултет од Скопје, а се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово)

Извор Kumanovonews

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here