Транспаренси интернешнл: ДУИ си се спонзорирала од јавни претпријатија и пари на граѓаните на Република Македонија

506
0
SHARE

На листата на донатори на политичката партија ДУИ во 2016 година се јавуваат јавните претпријатија АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, што е спротивно на законот, објави денеска „Транспаренси интернешнл -Македонија“. Од таму велат дека Државната комисија за спречување  корупција за ова го известила Обвинителството, поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства.

„По анализа на годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, ‘Транспаренси интернешнл – Македонија’ забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД ‘Македонска пошта’, АД ‘Аеродроми на Македонија’ и ЈП ‘Македонски железници – инфраструктура’, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување  корупција и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување  корупција како надлежна за постапување во вакви случаи“, велат од „ТИ-М“.

Од таму наведуваат дека  денеска добиле одговор од ДКСК дека по разгледување и анализа на добиените податоци и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија утврдиле дека сомневањата што се изнесени во претставката се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување  корупција кои забрануваат користење буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање  изборна активност, односно друга политичка активност.

Документацијата од која произлегуваат овие сомневања, Државната комисија за спречување корупција ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации.

Извор: МАКФАКС

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here