Учениците нема да имаат повеќе настава во сабота, но нема ни да се распуштаат на 10 јуни

562
0
SHARE

Учениците повеќе нема да учат во саботи, намалување на часови нема да има, најмалку половина од зимскиот распуст за наставниците ќе бидат платени неработни денови, а уште од прво одделение покрај одделенскиот, децата ќе имаат и наставник по Физичко и здравствено образование.

Ова се предвидува со новиот Нацрт-закон за основно образование кој денеска го презентираше министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

Меѓу новините кои ги најави министерот, ќе нема намалување на бројот на наставни денови бидејќи и сега нашите ученици имале 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), покажале анализите на оваа организација.

Предвидено е министерот на предлог на Бирото за образование да утврди национални стандарди базирани на компетенции кои учениците треба да ги стекнат и усвојуваат на крајот на секој период од основното образование во подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура. Согласно препораката од извештајот на ОЕЦД, законот не предвидува намалување на бројот на наставни денови, сегашната состојба покажува дека нашите ученици добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во ОЕЦД што е рамно на година ипол образование – рече Адеми.

Одработувањето во саботите, пак, ќе стане минато. Тоа се укинува бидејќи се покажало како непродуктивно. Ова во пракса ќе значи дека 10 јуни нема да биде последен школски ден за децата, туку тоа може да биде и 11, 12 или 13 јуни зависно кое училиште колку работни денови изгубило.

Ќе има и корекција во бројот на ученици во една паралелка, па така сегашниот праг од минимум 24, а максимум 34 ученици, ќе се помнести на најмалку 20, а најмногу 30 деца во една паралелка.

Со новиот закон, МОН го зголемува бројот на ученици на кои ќе им го покрива учеството на меѓународни натпревари од 7 на 10. Покрај за ученикот, ќе се покрива и трошокот за менторот, а наместо досегашната пракса тоа да се прави само за оние кои освоиле награди, сега трошоците ќе се покриваат и на оние деца кои само учествувале.

Ќе се воведат и стандарди за исхраната во училиштето.

Се предвидува дека нутритивниот квалитет на исхраната ќе го утврдуваат Институтот и Центрите за јавно здравје. Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи процесот и за забележаните активности да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен инспекторат и други институции зависно од утврдената неправилност. И Советот на родители ќе може да побара вонреден инспекциски надзор дали исхраната е согласно стандардите – вели министерот.

Во секое училиште ќе се формира и тим за интеграција кој ќе биде насочен кон мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција на децата, а Законот предвидува и инклузија на учениците со попреченост во редовната настава. Така, се најавува од учебната 2022/2023 да не се запишуваат ученици во посебни паралелки и во посебни училишта. Тие кои веќе учат таму ќе можат да ја продолжат наставата во нив, но ако решат родителите ќе може и да ги префрлат во редовните паралелки.

Министерот најави и лични асистенти и асистивна технологија, но за овие промени дополнително ќе се организираат тркалезни маси.

Покрај за децата, новини ќе има и за наставниците за кои Адеми посочи оти ќе има можности за кариерен развој, унапредување на приправничкиот стаж, но и платен зимски распуст. Законот предвидува дека најмалку половина од периодот додека учениците се на распуст во зима, ќе бидат платени неработни денови.

Министерот смета и дека со решенијата кои ги предлагаат ќе придонесат кон департизација на училиштата и влијанието на функционерите.

Во однос на изборот на директорите има неколку промени. Училишниот одбор на градоначалникот или на министерот му предлага кандидат кој добил мнозинство од гласовите на одборот. Со тоа се отстранува влијанието на градоначалникот и министерот. Предност ќе имаат наставникот ментор и наставникот советник, откако ќе се воведе системот на кариерен развој – рече Адеми.

Новата верзија на Нацрт-Законот за основно образование ќе се стави на јавна расправа, а министерот очекува оваа втора верзија да има помалку забелешки бидејќи оние кои беа дадени за првата верзија се веќе вметнати во него. Со забелешките кои ќе се добијат, законот ќе се корегира и МОН ќе го предложи до Владата од каде откако ќе биде усвоен ќе се испрати до Собрание за да се донесе. Планот е тоа да се направи што побргу за да може законот да стапи на сила од новата учебна година во септември.

Извор Република

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here