Виси фотељата на Гувернерот на НБРМ, власта негодува за реизбор на Богов

446
0
SHARE

Предлогот на претседателот Ѓорѓе Иванов да го предложи актуелниот гувернер на Народна банка за уште еден 7 годишен мандат, дефинитивно наиде на неодобрување од партиите на парламентарното мнозинство кои сметаат дека требало да бидат консултирани за избор за нов прв човек на НБРМ.

Гувернерот на НБРМ го именува Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Република Македонија. За да помине предлогот потребни се 60+1 гласови од пратениците.

Премиерот Зоран Заев денеска ќе го консултира парламентарното мнозинство дали ќе биде поддржан предлогот Димитар Богов да остане уште еден мандат на чело на НБРМ, од што треба да произлезе и конечен став кој ќе и биде соопштен на јавноста.

Од ДУИ, која не се согласуваше со изборот на Димитар Богов во 2011 година, веќе неколку месеци го подготвуваат поранешниот вицепремиер за европски прашања, Фатмир Бесими, за кој се вели дека е стручен кадар со големо искуство во областа, особено бидејќи веќе бил вице-гувернер на Централната банка.

Ѓорге Иванов тврди дека пред официјално да го предложи Богов се консултирал со сите релевантни бизнис, банкарски и академски фактори, а неговата работа била позитивно оценета и во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Интересна и сосема издржана анализа има весникот „Независен“ според кој, Македонија може да добие гувернер на одредено време:

„Богов ги троши последните дваесетина дена од својот прв мандат, по изборот на 23 мај 2011 година. Доколку во наредните денови предлогот на Иванов не биде ставен на дневен ред на собраниска седница и доколку Богов не биде реизбран на функцијата, НБРМ, веројатно, ќе биде без гувернер одредено време. Во таков случај, ако во меѓувреме Иванов не достави нов предлог – што би бил прифатлив за парламентарното мнозинство, гувернерската функција би останала празна до изборот на нов претседател на државата, кој би ја презел функцијата околу 10 мај 2019 година“ се вели во написот на „Независен“.

Функцијата гувернер на НБРМ, од осамостојувањето на Македонија, ја вршеа м-р Борко Станоевски (1992-1997), д-р Љубе Трпески (1997-2004), м-р Петар Гошев (2004-2011) и Димитар Богов од 2011 година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here