Зошто Русија нема лесно да се откаже од Балканот

506
0
SHARE

Голема заблуда е да се очекува дека со таа стратегија ќе се запре или избрка Русија од Балканот. Русија е тука и нема да замине од Балканот, бидејќи речиси е невозможно повторување на 1948 година и историското „не“, оценува Ал џезеира Балканс

Во Брисел неделава беше претставена стратегијата „Кредибилна европска перспектива за Западен Балкан“, според која Србија и Црна Горма би можеле да бидат интегрирани во Европската Унија во 2025 година. Стратегијата нуди јасна перспектива за интеграција на Босна, Македонија, Косово и Албанија, а најавено е и поголемо присуство на ЕУ на Западен Балкан. Од кабинетот на шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, остро ја критикуваат Русија, обвинувајќи ја Москва дека го преплавува Балканот со антиевропска пропаганда и дека со договорите за оружје го поттикнува српскиот национализам, наведува Ал џезеира Балканс.
Аналитичарите оценуваат дека на оваа, според Брисел, историска шанса за Западен Балкан, понудена преку стратегијата, влијаеле многу регионални и глобални ситуации. Една од нив е стравувањето од сѐ поприсутното влијание на Русија во регионот на Западен Балкан. Главното прашање, според Ал џезеира Балканс, е дали Русија, по повеќе децении, трајно се врати како силен геополитички играч на Балканот и дали некои меѓународни документи може да влијаат на намалувањето на нејзиното присуство во овој регион?


Па, така, Србија годинава ќе одбележи повеќе годишнини, меѓу кои и 180-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Кнежеството Србија и Русија. Но сигурно нема грандиозно да биде одбележана 70-годишнината од Резолуцијата на информбирото и историското „не“ на Јосип Броз-Тито до Сталин. Тоа не беше моментот кога беше спречено СФРЈ да биде претворена во советски сателит, како што тоа беа осиромашените и уништени социјалистички републики од Балтикот до Бугарија. Тоа е годишнина на повеќедецениското темелно и трајно отстранување на рускиот фактор од Србија и од Западен Балкан. Русија тука не се врати на почетокот од 1990-тите. Слободан Милошевиќ и српското раководство пред самиот распад на СССР ги поддржаа пучистите во Москва, на кои, како што се очекуваше, не им успеа обидот за преврат. Со тоа, Борис Елцин ѝ сврти грб на Србија.
Целосното ускратување на руската поддршка за Србија во текот на војните на просторот на бивша Југославија, руските и српските националисти ѝ го припишуваат на тогашната политичка и економска немоќ на Русија. Меѓутоа, Русија многу добро ја искористи кризата на просторот на поранешна Југославија, за во својот двор непречено, без поголемо мешање на меѓународната војна, да води две војни во Чеченија, како и да распалува и замрзнува конфликти – Придњесторвје преку Абхазија и Јужна Осетија до Нагорно Карабах. Затоа Москва ги поддржа сите санкции, кои целосно ја изолираа Југославија на Милошевиќ, иако денес во Русија се зборува дека Западот водел војна против православната Србија. Русите учествуваа и во основањето на Хашкиот трибунал за бивша Југославија, за кој сега тврдат дека им судел на Србите и дека тие се најголемите жртви таму.

Москва исто така тивко реагираше и на интервенцијата на НАТО против српските сили во Босна, а пред воената интервенција на Косово во 1999 година не ја блокира резолуцијата на ОН, со која најостро се осудува протерувањето на илјадници албански цивили од српските сили за безбедност. Во текот на 1990-тите, Милошевиќ очекуваше руска помош, но таа не стигна до „5 октомври“. Тој едноставно немаше среќа да го дочека подемот на Владимир Путин.
Владата на Зоран Ѓинѓиќ го доби како подарок претходно потпишаниот Договор за слободна трговија, со кој Србија денес се фали дека е единствениот таков надвор од државите на бившиот СССР. Меѓутоа, Ѓинѓиќ најмалку беше заинтересиран за руското влијание во Србија по Милошевиќ. Владата на Воислав Коштуница ѝ ја отклучи на Москва бравата кон Балканот со декларацијата за Косово и воената неутралност, усвоена во 2007 година, неколку недели пред прогласувањето на косовската независност.
Владата насобрана околу Демократската партија и Борис Тадиќ ширум ѝ ги отвори вратите на Русија: со продажбата на Нафтената индустрија на Србија, отворањето на Рускиот хуманитарен центар во Ниш и креирањето на надворешната политика Четири столба – ЕУ, Русија, САД и Кина. Александар Вучиќ и Српската напредна странка го финализираа истоварувањето на Русите на Балканот преку официјалната политика, внесувајќи русофилски чувства, кои им беа особено важни.
Со донесувањето на Стратегијата на ЕУ за перспективата за проширувањето на Западен Балкан, сите може да бидат задоволни. Оние што ја уценуваат ЕУ со можни конфликти на Балканот, а себеси се претставуваат како фактор на стабилноста може да се пофалат дека го забрзале влегувањето на Србија и регионот во ЕУ. Брисел несомнено посериозно ќе го третира прашањето за проширување на Западен Балкан, но и за руското влијание, кое може да му наштети. Меѓутоа, голема заблуда е да се очекува дека со таа Стратегија ќе се запре или избрка Русија од Балканот. Русија е тука и нема да замине од Балканот, бидејќи речиси е невозможно повторување на 1948 година и историското „не“. Синтагмата „седење на две столчиња“ – ЕУ и Русија – е главната уценувачка предност на Србија и Република Српска, која ќе биде актуелна дури и ако Србија и Босна еден ден станат полноправни членки на ЕУ.

Извор: Нова Македонија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here